ЗА СРЦЕТО КОЕНЗИМ – Q10

ЗА СРЦЕТО КОЕНЗИМ – Q10

Како силен антиоксиданс, ова соединение поволно влијае врз имунитетот, а некои истражувања укажуваат и на неговата можност за превентива од разни форми на рак. Тој е вклучен и во терапијата кај пациенти со срцеви заболувања.

Дури после една деценија откако е идентификуван, во педесетите години од минатиот век, коензимот Q10 започнува да се користи во Јапонија и тоа како терапија при некои срцеви заболувања. Во 1978 година Питер Мичел доби Нобелова награда за откривањето на енергетскиот пренос во биолошките системи, каде била потврдена и улогата на коензимот Q10 во метаболизмот на клетките.

Како силен антиоксиданс, ова соединение поволно влијае врз имунитетот, а некои истражувања укажуваат и на неговата можност за превентива од разни форми на рак. Денес, коензимот Q10 често се применува во терапијата на синдромот на хроничен замор од непознато потекло, кој не е предизвикан од некоја физичка активност, а често се појавува и во состојба на мирување. Исто така, тој е вклучен и во терапијата кај пациенти со срцеви заболувања. Q10 како додаток во стандардното лекување, може да го подобри здравјето на срцето, да ја зголеми физичката способност и позитивно да влијае врз квалитетот на живот.

Во човековиот организам
Коензимот Q10 е есенцијално соединение што се раствора во масти, слично како и витамините, а кога станува збор за човековиот организам, најмногу е концентриран во срцето, црниот дроб, бубрезите и панкреасот. Q10 во нивните клетки генерира енергија и поради тоа, физиолошката способност на овие органи зависи од доволното количество на ова соединение. До триесеттата година од животот телото го лачи овој коензим во доволно количество, но, со стареењето, организмот ја губи способноста да го синтетизира ( и тоа дури до 80 отсто). Поради тоа, е неопходно овој антиоксиданс да се внесува преку храната, или преку суплементи. Недостатокот од Q10 води до нарушување на енергетската рамнотежа, а и до разни функционални нарушувања (слабеење на срцевиот мускул, хипертензија и друго), кои се јавуваат при негова намалена концентрација во организмот (25 отсто). Овој коензим е познат и под називот убикинон и од вкупно десет видови од оваа материја, само Q10 е присутен во човековото тело.

Природни извори на коензим Q10
Доколку човекот правилно се храни со разнообразна храна, своите дневни потреби со коензимот Q10 ќе ги обезбеди преку храната и од сопственото производство од црниот дроб. Но, само до една одредена возраст. Природен извор на коензим Q10 се скушата, лососот, сардината, говедското срце и дробот.
Меѓутоа, еднообразната исхрана, изложеноста на стрес, разните болести и долгиот животен век имаат потреба коензимот Q10 да биде застапен во секојдневната исхрана. Може да има разни причини кои водат до недостаток од коензим Q10 во организмот.

Намалената концентрација и недостатокот од коензимот Q10 може да се појави и како несакана појава од некои лекови што се користат како терапија за намалување на холестеролот, за коронарни болести и против превенција од мозочен удар, затоа што тие ја запираат и синтезата на коензимот Q10.

Улогата на коензимот Q10
Освен што претставува силен антиоксиданс, коензимот Q10 има значајна улога и во клеточната биоенергија која е важна за животот и за опстанокот на клетките. Тој е концентриран во митохондриите (клеточни органели кои се задолжени за метаболизмот), но неговото присуство е докажано и во други делови на клетките. Вклучен е и во регенерирањето на некои други липофилни антиоксиданси, како алфа токоферол (витамин Е).

Некои истражувања покажале дека коензимот Q10, преку крвта го превземаат сите ткива, посебно мито-хондриите од срцето и од мозокот. Од друга страна пак, концентрација на коензимот Q10 е намалена при кардиоваскуларни заболувања, дијабетес и при невродегенеративни заболувања. Истражувањата покажале дека коензимот Q10 е многу значаен во третманот против високиот крвен притисок. Освен тоа ова соединенија го штити желудникот и дванаесетпалечното црево.

Некои други истражувања покажале дека коензимот Q10 влијае и против некои типови алергии, астма и респираторни болести, дегенеративни заболувања на нервниот систем (Алцхајмерова болест, мултиплекс склероза), како и против некои облици на шизофренија. Коензимот Q10 покажува добри резултатати и во забавувањето на процесот на стареење и во терапијата против дебелеење, кандида, дијабетес, а ја спречува и атрофијата на непцата. Не треба да се заборави дека коензимот Q10 може да биде и многу важен во лекувањето на луѓето заразени со СИДА и за јакнење на имунитетот.

Примена во козметиката
Коензимот Q10 има широка примена во козметиката. Врз кожата влијаат разни надворешни штетни фактори што водат до стареење. Некои видови козметички препарати содржат комбинација од корисни материи-витамин Ц, Е и коензим Q10, кои ја штитат клеточната мембрана на кожата од оштетувањата, што се предизвикани од влијанието на слободните радикали.

Повеќе за производот можете да погледнете на следниот линк.

Споделете ја оваа објава