Витаминот Ц и настинката

Витаминот Ц и настинката

Можеби витаминот Ц нема целосно да спречи појава на настинка, но, со сигурност е докажано дека ако тој секојдневно се внесува, настинката ќе трае кратко и ќе биде со благи симптоми.

Се уште не постои еден, единствен, лек за обичната настинка, но, бидејќи веќе е време на настинките, потребно е секој од нас да размислува за потенцијалната помош.
Интересот за витаминот Ц како терапија за обичната настинка датира уште од четириесетите години на 20 век, но теоријата не заживеала се додека нобеловецот Линус Паулинг не напишал книга за “витаминот Ц и обичната настинка“. Тој бил уверен дека мега дозите од витамин Ц се превенција во лекувањето на обичната настинка. Продажбата на витамини станала масовна, наспроти скептицизмот во медицината и нутриционизмот. Потоа, следеле студии кои ја модифицирале теоријата на Паулинг, а некои и ја негирале.

Научниците Вилсон и Лох заклучиле дека превентивната доза од 200 до 500 милиграми на ден ги ублажувала симптомите на настинка кај девојките, но не и кај момчињата.

Две студии врз близнаци кои ги спровеле различни истражувачи, покажале дека генетските и субјективните фактори од околината имаат значајно влијание врз интензитетот и траењето на настинката. Посебно е интересно тоа што поединците кои мислеле дека примале високи дози од витамин Ц имале кратка настинка со слаб интензитет.

Во деведесетите години од минатиот век, објавени се податоци за влијанието на високите дози витамин Ц во организмот на човекот. Проф. Маршал сметал дека повеќето луѓе искусиле хронична дијареа, или пак камен во бубрезите кога биле изложени на високи дози од витамин Ц (12-40 грама).

Последната објавена студија што се бавела со овој проблем го утврдила влијанието на посебни форми од витаминот Ц-естер Ц, врз настинката.

Естер Ц е некисела, естерифицирана форма од витаминот Ц што посебно се препорачува на луѓе кои имаат чувствителен желудник, а докажано е дека подобро се апсорбира и подолго се задржува во ткивата.

Во студијата учествувале 168 доброволци и била спроведена во време на настинка и грип. Од луѓето кои примале витамин Ц (84 луѓе), 37 од нив настинале, а од групата која не земала витамин Ц настинале 50 луѓе. Студијата е објавена мината пролет во списанието “Advances in Therapy“.

Одговор на стресот
Влијанието на витаминот Ц се заснова врз неговото противвирусно дејство, антоксидативната моќ, стимулирањето на имунолошкиот одговор, подобрување во разградивањето на хистаминот, или пак се работи за комбинација од сите тие механизми.

Можеби витаминот Ц нема целосно да спречи појава на настинка, но, со сигурност е докажано дека ако тој секојдневно се внесува, настинката ќе трае кратко и ќе биде со благи симптоми. Оттука, важно е да се снабдите со дневното количество, а препорачана дневна доза е 75 милиграми. Пушачите треба да земаат дополнителни 30 милиграма на ден. За превенција од кардиоваскуларни болести и заштита од инфекции, оптималната доза е 200-500 милиграми на ден.

Кога се зборува за витаминот Ц мора да се потенцира дека тој е и вистинскиот одговор на стресот. Со своето силно антоксидативно дејство го штити организмот и го стимулира природниот имунитет. Исто така, овој моќен витамин овозможува создавање на колаген што се наоѓа во коските, лигаментите, крвните садови и тетивите. Констатирано е дека лицата чија исхрана содржи поголеми количества на витамин Ц се трипати повеќе заштитени од појава на артритис во однос на оние кои не го земаат овој витамин во доволни количества.
Недостатокот на витамин Ц може да предизвика многу здравствени проблеми, а најчести симптоми се губење на телесната тежина, чувство на замор, воспаление на непцата и нивно крвавење, инфекции на уринарниот тракт…

Споделете ја оваа објава