Астма – болест со хроничен тек

Астма – болест со хроничен тек

Како посебни форми на астмата се издвојуваат: поленската (сезонска) астма, астмата на домашна прашина, Candida астмата, аспиринската астма, астмата предизвикана од напор и како посебен тип астма поврзана со работното место.

Клиничка слика

Астмата е болест со хроничен тек којашто се манифестира со повторливи акутни или субакутни епизоди од кашлање со оскуден искашлок, гушење, свирење (wheezing) и стегање во градите. Поголем број од болните се чувствуваат добро, а кај помал дел од нив симптомите перзистираат постојано со периоди на влошувања. Интензитетот и фреквенцијата на симптомите се различни, а карактеристична е нивната појава во текот на ноќта или наутро при будењето. Астмата, како алергиската, така и неалергиската, е често придружена со болести на горните дишни патишта (ринит, синузит и синоназална полипоза). Најважни поттикнувачи на астматските симптоми ( тригери) се инфекциите, особено вирусните (одговорни за околу 80 насто од акутните егзацербации кај децата и околу 40 насто кај возрасните), потоа експозицијата на алергени, физичкиот напор, аерополуцијата, примената на некои лекови (аспирин и други нестероидни антиинфламаторни средства, β блокери и др.), гастроезофагеалниот рефлукс, емоционалниот стрес и други. Астматските симптоми кај еден болен обично се поттикнати од неколку тригери. Како посебни форми на астмата се издвојуваат случаите со поизразено или доминантно дејство на еден тригер, како поленската (сезонска) астма, астмата на домашна прашина, Candida астмата, аспиринската астма, астмата предизвикана од напор и др.

Како посебен тип астма се издвојува астмата поврзана со работното место (work-related asthma, WRA), со своите две форми, односно професионалната астма (occupational asthma – ОА) и астмата што се влошува на работа (workaggravated asthma). Според тежината на кли- ничката слика астмата се класифицира на интермитентна, лесна перзистентна, умерена перзистентна и тешка перзистентна астма, што има особено значење за терапискиот пристап кон болеста.

Дијагноза

Анамнестички податоци коишто сугерираат астма се: епизодите од кашлање со оскуден искашлок, гушење, свирење и стегање во градите, односно перзистентните симптоми со периоди на нивно влошување.

Функционални белодробни испитувања

Не постои единствен метод за детекција на варијабилната, реверзибилна опструкција и бронхијалната хиперреактивност, туку неколку тестови со одредена сензитивност и специфичност. Во евалуацијата на варијабилната, реверзибилна опструкција се применуваат бронходилататорниот тест, сериската спирометрија и сериската peak flow- метрија. Бронхијалната реактивност во рутинската работа се евалуира со неспецифичните бронхопровокативни тестови со фармаколошки агенси (метахолин, хистамин, ацетилхолин), физички напор, студен воздух и др. Златен стандард во дијагнозата на алергиската и професионалната астма претставуваат специфичните бронхопровокативни тестови со алергенот, односно професионалниот агенс на којшто болниот е сензибилизиран. Поради сложениот протокол и можноста од несакани реакции при нивното изведување овие тестови не се применуваат во рутинската дијагностика.

Алерголошка евалуација

Атопискиот статус на болниот се евалуира со in vivo (кожни prick тестови) и/или in vitro тестови (вкупен и специфичен ИгЕ во серум).

Маркери на хроничната инфламација

Свое место во дијагностиката на астмата има и одредувањето на маркерите на хроничната еозинофилна инфламација на дишните патишта, како одредувањето на бројот на еозинофилите во крвта и спутумот, нивото на еозинофилниот катјонски протеин во крвта и спутумот, нивото на азотен оксид во експирираниот воздух, итн.

Терапија – нефармаколошки и фармаколошки третман

Нефармаколошкиот третман се состои од едукација на болните и мерки за контрола на средината (експозициона профилакса), коишто се применуваат кај сите болни со астма, како и специфична имунотерапија којашто се применува кај селектирани болни со алергиска астма. Раниот прекин на експозицијата (веднаш по поставувањето на дијагнозата) е од посебно значење кај професионалната астма. Фармаколошкиот третман се состои од хроничен третман на астмата и третман на акутните егзацербации. Најдобри резултати при хроничниот третман се постигнуваат со индивидуалниот и скалестиот пристап со претходно одредување на степенот на тежината на болеста. Скалестиот пристап подразбира зголемување на дозите и бројот на лековите и фреквенцијата на нивната примена при зголемување на тежината на болеста, како и редукција на терапијата при воспоставена и одржана контрола на болеста. Основни се две групи на лекови, односно бронходилататорните (симптоматски средства или риливери) и антиинфламаторните лекови (превентивни средства или контролери).

Превенција

Примарната превенција, односно спречувањето на појавата на болеста се состои од мерки на пренатална профилакса (пушење во текот на бременоста), како и мерки во доенечката возраст и детството (доење до 6-от месец, редукција на внатрешната аерополуција, особено пасивното пушење, исхрана богата со антиоксиданси и Ω-3 масни киселини) и адултниот период (прекин на пушењето, контрола на животната и работната средина).

Секундарната превенција се однесува на сензибилизираните асимптоматски лица, а се состои од мерките за контрола на средината, третман на атопискиот егзем/дерматит синдром и алергискиот риноконјунктивит, професионално ориентирање кон професии со помала експозиција на алергени и др.

Терциерната превенција се однесува на лицата со манифестна болест и за цел ја има нејзината добра контрола и спречување на компликациите, а се состои од нефармаколошки и фармаколошки третман на болеста.

Автори Ас. д-р Сашо Столески м-р сци, специјалист по медицина на трудот

Ас. д-р Драган Мијакоски м-р сци, специјалист по медицина на трудот Институт за медицина на трудот на РМ – Скопје СЗО Колаборативен центар Ga2len (Global Allergy and Asthma European Network) Колаборативен центар

Од производите на HealthAid ви го препорачуваме Allergforte®

Содржи внимателно одбрани природни состојки за борба против симптомите на вообичаените алергии и подршка на имунолошкиот систем, особено при промена на годишните времиња. Не предизвикува сонливост.

Споделете ја оваа објава